Триесет здравствени работници од Албанија пристигнаа во Италија за да помогнат во борбата со коронавирусот.
„Вие ни помагавте и нѐ поддржувавте 30 години и ова е најмалку што можеме да направиме за италијанскиот народ“, изјави 35-годишна медицинска сестра, која е дел од албанскиот тим.
Италијанскиот премиер Џузепе Конте се заблагодари на Твитер откако 10 албански лекари и 20 медицински сестри пристигнаа синоќа на римскиот аеродром „Фјумичино“. Тие ќе бидат распоредени во болници во Бреша и Бергамо, каде што ситуацијата е критична поради секојдневен пораст на бројот на заразени.
„Свесна сум што се случува во овие градови, но не сум уплашена“, кажа оваа медицинска сестра, додавајќи дека 15 години живеела во Неапол.