Пристаништето Шенѓин (Свети Јован), во кое порано беше сместена албанската морнарица, ќе прима мигранти од Африка, Азија и Блиски Исток кои Италија ќе ги испраќа како дел од договорот помеѓу двете земји, што беше критикуван од групи за човекови права.
Договорот, кој утре треба да биде одобрен во албанскиот парламент, ќе ѝ овозможи на Италија да изгради мигрантски центри на територијата на Албанија, која е една од најмалку развиените европски држави. Ова е прв пример држава која не е членка на ЕУ да прифаќа мигранти во име на членка на ЕУ и е дел од поширока кампања на Брисел за запирање на илегалната имиграција.
Мигрантите кои ќе доаѓаат во Италија ќе бидат префрлени со брод во Шенѓин, кој сега е популарна туристичка дестинација на албанскиот северен брег на Јадранското Море. Од Шенѓин, мигрантите ќе одат во 15 минути оддалеченото гратче Ѓадер, каде што ќе добијат сместување и нивните документи ќе бидат процесуирани. Во двата центра ќе биде ангажиран италијански персонал.
Според договорот, во еден момент ќе може да има најмногу 3.000 мигранти во Албанија. Европската комисија заклучи дека италијанско-албанската шема не ги крши законите на ЕУ, додека уставниот суд на Албанија во понеделникот пресуди дека договорот е во согласност со уставот и може да биде ратифициран во парламентот.