Албанија денеска излегува на парламентарни избори среде пандемијата на коронавирусот и жестокото ривалство помеѓу двете најголеми политички партии. Околу 3,6 милиони гласачи, од кои голем број во странство, ќе изберат 140 пратеници меѓу 1.800 кандидати од 12 партии или од независни листи, при што на заболените од ковид-19 не им е дозволено да гласаат.
Албанија, која е членка на НАТО од 2009 година, се надева дека наскоро ќе почне преговори за пристапување на Европската Унија и овие избори се сметаат за клучни на тој пат.
Еди Рама од владејачката Социјалистичка партија, кој се бори за третиот едноподруго премиерски мандат, порача дека сака да ја претвори Албанија во шампион во туризмот, енергетиката, земјоделството и дигиталните проекти и предизборните анкети му даваат поголеми шанси за победа.
Наспроти него е Љуљзим Баша од Демократската партија, кој ја обвинува владата за корупција и врски со организиран криминал. Тој вети пониски даноци, повисоки плати и поголема социјална финансиска поддршка.
Ривалството помеѓу двете партии кулминираше во средата, кога во вооружена пресметка во Елбасан беше убиен активист на Социјалистите, а уште четворица беа ранети.