Американската амбасада во Русија пред точно две недели на 8 март предупреди дека екстремисти планираат напад во Москва во скоро време, што уследи неколку часа откако руските безбедносни служби кажаа дека спречиле пукање во синагога, што требало да го изврши авганистанското крило на Исламска држава.
Амбасадата тогаш им препорача на американските граѓани веднаш да ја напуштат Русија, без да даде детали за типот на заканата, но додаде дека би требало да се избегнуваат концерти и големи групи луѓе.
Истото предупредување го даде и Амбасадата на Велика Британија за нејзините граѓани, повикувајќи се на разузнавачките информации на амбасадата на САД.
Неидентификувани вооружени лица вечерва нападнаа концертна сала во предградие на Москва во моментов кога внатре имало илјадници луѓе. Засега е потврдено дека загинале најмалку 40 луѓе, а над 100 се ранети.
„Следиме извештаи дека екстремисти планираат наскоро да нападнат големи собири во Москва, вклучувајќи концерти. Американските граѓани би требало да избегнуваат големи собири во следните 48 часа“, соопшти амбасадата на САД на 8 март.
Освен Велика Британија, и Канада, Јужна Кореја и Летонија потоа им препорачаа на своите граѓани да не патуваат во Русија.
Руската Федерална безбедносна служба кажа дека ќелија на Исламска држава дејствува во рускиот регион Калуга како дел од авганистанското крило на групата, познато како ИСИС Корасан. Таа се бори за формирање калифат низ Авганистан, Пакистан, Туркменистан, Таџикистан, Иран и Узбекистан. Оваа група се појавила во источен Авганистан во 2014 и е позната како екстремно брутална.