Володимир Зеленски им порача на пратениците во американскиот Конгрес дека наспроти сите шанси, Украина сè уште се држи и им се заблагодари на Американците што ги помагаат украинските воени напори со пари, за кои кажа дека не се милосрдие, туку инвестиција во глобална безбедност и демократија.
Зеленски вчера допатува во Вашингтон, што беше негово прво патување во странство од почетокот на руската инвазија пред речиси десет месеци, при што имаше средба со Џо Бајден во Белата куќа и се обрати во Конгресот. Посетата имаше за цел да покаже дека американската поддршка за Украина и натаму е многу силна. САД досега ја помогнаа Украина со десетици милијарди долари, што Зеленски го опиша како клучно за напорите да се победи Русија и апелираше на уште повеќе во иднина.
„Украина никогаш нема да се предаде, но ни треба уште оружје. Имаме артилерија, но дали е доволно? Искрено, не. Ни треба уште. Оваа војна не ја решава само судбината на една нација, туку ја тестира и светската демократија. Мирот не смее да има компромиси“, кажа Зеленски и развиори украинско знаме потпишано од бранителите на Бахмут, каде што веќе со недели се водат најжестоките борби.
Претходно во Белата куќа, Бајден му кажа на Зеленски дека САД ќе бидат со Украина колку што е потребно.
„Никогаш нема да бидете сами“, рече Бајден и го потврди новиот пакет воена помош од 1,8 милијарди долари, кој првпат вклучува и напреден противвоздушен систем „патриот“.
На заедничката прес-конференција, Бајден изрази уверување дека меѓународната коалиција ќе се одржи.
„Путин нема намера да ја запре оваа сурова војна“, рече тој.
Зеленски изрази надеж дека Конгресот ќе го усвои законот за дополнителна помош од 45 милијарди долари следната година, иако Републиканците, кои сега имаат мнозинство во Претставничкиот дом, предупредија дека нема да напишат бланко чек за Украина.