Американскиот центар за контрола и заштита од болести ги предупреди граѓаните да се воздржат од бакнување на живината поради епидемија на салмонела. Центарот и официјалните институции за јавно здравје ја испитуваат појавата на епидемија на салмонела откако беше пријавено дека 163 лица од 43 се заразиле по контакт со живина.
„Не ги бакнувајте ниту гушкајте птиците, затоа што така се пренесуваат микроорганизмите во вашата уста и ќе ве разболат“, вели Агенцијата за здравје.
Тие предупредија дека живината, како кокошки и патки, може да пренесе микроорганизми од салмонела дури и кога изгледаат здрави и чисти, и дека овие бактерии лесно се шират на места каде живеат и се шетаат.
Инфекцијата може да предизвика треска, дијареа, болка во стомакот и повраќање. Повеќето луѓе се опоравуваат без терапија, но потешките случаи може да завршат со смрт.
Според Центарот, една третина од пријавените случаи изминатиов период биле на возраст под 5 години. Од средината на февруари досега, 34 лица завршиле в болница, но не е пријавен смртен случај.
Агенцијата исто така апелира да се мијат рацете после контакт со живина, и децата да не ги допираат птиците. Според нив, од бактеријата салмонела, која може да се најде во сирово или недоволно зготвено месо, јајца или други прехрамбени производи, годишно во САД се заразуваат околу 1.35 милион лица.