Авион на „Ер Србија“, кој синоќа полетал од белградскиот аеродром „Никола Тесла“ кон Москва, бил вратен во Белград откако било утврдено дека прорускиот српски функционер Александар Вулин не ја поминал безбедносната проверка.
Како што објави „Н1“, авионот неколку часа бил во процедура што го следи сценариото „предупредување за бомба“, откако во него се нашол патник чиј багаж не поминал низ безбедносна проверка.
Вулин изјави дека одел деловно во Москва за да преговара за аранжман за гас, додека директорот на „Србијагас“, Душан Бајатовиќ, изјави дека неговото патување било во врска со проблемите со снабдувањето со гас и платниот промет по случајот со „Алта банка“. Бајатовиќ кажа дека не знае зошто Вучин и претседателот на Српската народна партија Ненад Поповиќ биле во авионот, во кој имало околу 150 патници, главно руски државјани,
„Официјално ни соопштија дека авионот е вратен поради безбедносни процедури. Дури кога слетавме во Белград, бевме информирани дека мора да поминеме низ сосема нова постапка. Целиот багаж беше детално прегледан, без да се наведат посебни причини зошто, освен дека така било според постапката. Затоа, задржувањето е малку подолго“, објасни Бајатовиќ, додавајќи дека по слетувањето биле преземени од полиција.
„Ер Србија“ потврди дека авионот што бил на редовен лет на релација Белград-Москва се вратил во Белград откако добиле информации од надлежните аеродромски служби дека е потребно спроведување на дополнителни безбедносни проверки во однос на еден патник.
„Нова.рс“ објави дека ова било направено зашто Александар Вулин не ја поминал безбедносната проверка. И покрај тоа, тој успеал да се качи во авионот. Наредбата за враќање на авионот ја издал директорот за корпоративна безбедност на аеродромот во Белград, Милан Куч.
Вулин изјави за телевизијата „Информер“ дека станува збор за политичка пресметка со него. Вулин е поранешен министер за внатрешни работи, против кого западните земји воведоа санкции поради неговите врски со Русија.



