Украинскиот национален авиопревозник објави дека авионот што денеска се урна во Иран бил еден од најдобрите што го имале во својата флота и дека пилотите биле многу искусни.
„Боинг 737-800“ се урна набргу по полетувањето од меѓународниот аеродром во Техеран, при што загинаа сите 176 патници и членови на екипажот. Меѓу загинатите мнозинството се ирански и канадски државјани.
„Пред полетувањето немаше знаци дека нешто не е во ред со авионот. Тој беше произведен во 2016 и последен пат поминал низ рутинска проверка на 6 јануари“, соопшти авиокомпанијата.
Украинската амбасада во Техеран претходно соопшти дека авионот се урнал поради дефект на еден од моторите и дека не станува збор за тероризам, но потоа ја повлече оваа изјава. Иранските медиуми цитираа официјални лица кои кажале дека од авионот не била испратена тревога.
Остатоците од авионот се пронајдени на десет километри од аеродромот.
Несреќата се случи само неколку часови откако Иран лансираше ракетен напад врз две американски воени бази во Ирак, како одмазда за убиството на генералот Касем Солејмани минатиот петок, но нема назнаки дека има поврзаност.