Австрија ќе ги признава само ковид вакцините одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА) при влез во земјата, соопшти тамошното министерство за здравство. Сите кои се имунизирани во странство со руска или кинеска вакцина, сепак, ќе мора да приложат негативен ПЦР тест.
Ова е спротивно на најавите на министерот за здравство Венко Филипче, кој при неодамнешното гостување на австриската министерка за ЕУ и устав Каролине Едштадлер во Скопје кажа дека Австрија нема да прави ограничувања во ковид вакцините за влез во земјата, како и Грција и Унгарија.
„Само вакцините одобрени од ЕМА ќе се прифаќаат како доказ за вакцинираност, што моментално ги вклучува ‘Фајзер/Бионтек‘, ‘Модерна‘, ‘АстраЗенека‘ и ‘Џонсон и Џонсон‘“, нагласи министерството за здравство на Австрија.
Оттаму посочуваат дека голем број странци, вклучувајќи и Австријци, се вакцинираат во Србија, но таму се нудат и вакцините „спутник“ и „Синофарм“. Сите што ќе примат ваква вакцина нема да се сметаат за вакцинирани во Австрија и повторно ќе мора да се тестираат пред да влезат во земјата.
„Во моментов, на тие луѓе не можеме да им препорачаме повторно да се вакцинираат со вакцина одобрена од ЕМА, зашто за тоа нема доволно научни податоци“, кажа австрискиот министер за здравство Волфганг Микштајн.