Азербејџанскиот министер за дигитален развој и транспорт рече дека авионот што се урна оваа недела бил погоден со оружје, повикувајќи се на експертска анализа и сведочења на преживеани кои покажуваат дека авионот бил погоден однадвор. Изјавата на Рашад Набиев го зголеми притисокот врз Русија. Официјални лица во Москва рекоа дека имало напад со украински напад со беспилотни летала во регионот каде што беше упатен летот на „Азербејџан ерлајнс“, но не се осврнаа на изјавите на воздухопловните експерти кои за падот на авионот ја обвинија руската противвоздушна одбрана.
Авионот во средата летал од главниот град на Азербејџан Баку за Грозни, регионалниот главен град на руската република Чеченија, кога свртел кон Казахстан и се урнал додека се обидувал да слета таму. Во несреќата загинаа 38 лица, а сите 29 преживеани беа повредени.
Набиев за азербејџанските медиуми изјави дека „прелиминарните заклучоци од експерти укажуваат на надворешно влијание“, како и сведочењето на сведоците.
„Типот на оружјето користено при погодувањето ќе се утврди во текот на истрагата“, рече Набиев.
Патниците и членовите на екипажот кои ја преживеаја несреќата изјавија за азербејџанските медиуми дека слушнале силни звуци на авионот додека кружел над Грозни. Стјуардесата Ајдан Рахимли рече дека по еден тресок, автоматски паднале маските за кислород. Таа рече дека отишла да му пружи прва помош на колегата Зулфугар Асадов, а потоа слушнале уште еден тресок. Асадов рече дека звуците звучеле како нешто да удира во авионот однадвор. Тој ги негираше тврдењата на казахстанските власти дека во авионот експлодирал канистер со кислород.
Дмитриј Јадров, шеф на руската управа за цивилно воздухопловство Росавијација, денеска рече дека додека авионот се подготвувал да слета во Грозни во длабока магла, украинските беспилотни летала го гаѓале градот, поради што властите ја затвориле областа за воздушниот сообраќај. Јадров рече дека откако капетанот направил два неуспешни обиди да слета, му биле понудени други аеродроми, но решил да лета за Актау во Казахстан, преку Каспиското Море. Но, тој не ги коментираше изјавите на некои воздухопловни експерти, кои истакнаа дека дупките што се гледаат во делот на опашката на авионот сугерираат дека тој би можел да биде нападнат од руските системи за противвоздушна одбрана.
Украинските беспилотни летала претходно го нападнаа Грозни и други области во Северен Кавказ.