Вицепремиерот во владата на Крим, Георги Мурадов, изјави дека Азовското Море е засекогаш изгубено за Украина.
„Пристаништата во регионите Запорожје и Херсон веќе никогаш нема да бидат украински. Сигурен сум дека по повторното обединување на нашите региони со Русија, Азовското Море повторно, како што беше и порано, ќе стане исклучиво внатрешно море на Руската Федерација“, кажа Мурадов.
Друг функционер назначен од Русија, Владимир Рогов, изјави дека регионите Запорожје и Херсон веќе никогаш нема да се вратат под контрола на Киев. Мурадов кажа дека по ослободувањето на Мариупол, Азовското Море заеднички го користат Русија и Народната Република Доњецк.
Азовското Море е најплиткото море на светот и често се смета за северно продолжение на Црното Море.
Русија го анектираше Крим во 2014 и руските власти велат дека нема да прифатат никаков договор кој не го признава полуостровот како руска територија.