Американскиот претседател Џо Бајден издаде извршна наредба за воведување санкции против поединците и субјектите кои придонесуваат за дестабилизација на Западен Балкан, што се однесува и на кршењето на Охридскиот и Преспанскиот договор. Мерката ќе се однесува и на возрасните членови на семејствата на поединците против кои се изречени санкции.
Бајден кажа дека го изменил указот од јуни 2021 со оглед на настаните на Западен Балкан и поради континуираните обиди на поединци да ги оспорат суверенитетот и територијалниот интегритет на нациите од Западен Балкан, да ги поткопаат повоените договори и институции и да се вклучат во значителна корупција што ги нарушува владеењето на правото и довербата во демократското управување.
„Санкции ќе можат да се воведат за секој кој е одговорен или е соучесник во прекршувањето или во чин што го попречува или загрозува спроведувањето на кој било договор за регионална безбедност, мир, соработка или заемно признавање или претставува значителен ризик за извршување на такво дело поврзано со Западен Балкан. Ова ги вклучува и Договорот од Преспа од 2018, Охридскиот рамковен договор од 2001, Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации и Дејтонскиот договор“, стои во указот на Бајден.
САД досега имаат изречено санкции против 62 физички и правни лица од Македонија, БиХ, Србија, Црна Гора и Албанија. Новина е што во иднина санкциите ќе им се изрекуваат и на оние кои ќе се обидат да се вклучат или учествуваат во развојот на наведените активности.