Американскиот претседател Џо Бајден им нареди на разузнавачките агенции да го истражат појавувањето на ковид-19, среде сè поголемите контроверзи околу потеклото на вирусот.
Во соопштение од Белата куќа, Бајден побара од американските разузнавачки агенции да ги удвојат нивните напори и да му достават извештај во рок од 90 дена.
Ковид-19 првпат беше откриен во кинескиот град Вухан на крајот на 2019 година. Оттогаш се потврдени над 168 милиони случаи и се пријавени најмалку 3,5 милиони смртни случаи ширум светот.
Првите случаи на ковид-19 беа поврзани со пазар за морска храна во Вухан и научниците сметаа дека вирусот е пренесен од животни на луѓе.
Но, американските медиуми во последно време сугерираат дека има сè повеќе докази дека вирусот излегол од лабораторија во Кина. Пекинг ги осуди овие извештаи во американските медиуми и сугерираше дека вирусот можеби излегол од американската лабораторија.