Џо Бајден изрази олеснување откако Демократите се одбранија од голема републиканска победа на изборите за Конгресот и кажа дека во почетокот на следната година и официјално ќе објави дека повторно ќе се кандидира за претседател на САД.
На Републиканците им требаат уште осум места за да го обезбедат мнозинството во Претставничкиот дом, додека трката за Сенатот останува крајно неизвесна и засега е на 48:48. Таа ќе се решава во Аризона, Невада и Џорџија, каде што ќе има ново гласање на 6 декември откако ниеден кандидат не го надмина прагот од 50% освоени гласови.
„Мислам дека ова беше добар ден за демократијата. Мојот оптимизам беше оправдан, додека новинарите предвидуваа тешки загуби на Демократите“, изјави Бајден.
Најголемиот трофеј за Демократите е Пенсилванија, каде што Џон Фетерман ја победи ТВ-ѕвездата Мехмет Оз неколку месеци откако преживеа мозочен удар.
Бајден, кој следниот месец ќе наполни 80 години, потврди дека размислува за уште еден претседателски мандат.
„Нашата намера е повторно да се кандидирам. Тоа е семејна одлука“, кажа Бајден.
Доналд Трамп, кој во финишот на кампањата најави дека следната недела ќе ја објави својата кандидатура за претседател, призна на социјалните мрежи дека резултатите од изборите се малку разочарувачки. Неговите кандидати во Охајо и Северна Каролина победија, но оние во Пенсилванија и Мичиген не влегоа во Сенатот.
„Од моја гледна точка, ова е голема победа“, заклучи Трамп, кого го притискаат да го одложи лансирањето на кандидатурата до завршувањето на изборите во Џорџија.