Додека илјадници луѓе низ Европска Унија од крајот на минатиот месец ги креваат ракавите за да примат вакцина против ковид-19, едно парче од континентот остана запоставен, изолиран и напуштен. Балканските држави се мачат да добијат вакцини против ковид-19 преку разни компании и програми и повеќето од нив сѐ уште ги чекаат првите дози, без јасен датум кога ќе почнат со својата програма на имунизација.
Она што е јасно е дека Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, каде што вкупно живеат околу 20 милиони луѓе, значително ќе заостануваат зад 27-те членки на ЕУ и Велика Британија во своите напори да постигнат имунитет на стадо преку брзото вакцинирање на голем број жители.
Македонскиот епидемиолог д-р Драган Даниловски ја спореди сегашната ситуација со вакцинирањето на Западен Балкан со нееднаквости видени при потонувањето на „Титаник“ во 1912 година.
„Богатите ги приграбиле сите достапни елеци за спасување, оставајќи ги помалку среќните зад себе“, вели Даниловски.
Многу балкански држави ги полагаат своите надежи во системот Ковакс, глобална алијанса за вакцинација основана од СЗО и светски хуманитарни групи, која се бори за рамноправна дистрибуција на вакцини. Ковакс има обезбедено договори за неколку ветувачки вакцини, но засега може да покрие само 20% од населението во една држава. БиХ има резервирано вакцини преку Ковакс, но првите дози ќе пристигнат најрано во април.
Србија е единствената држава од ова друштво која почнала да го вакцинира своето население, добивајќи ја првата пратка од „Фајзер/Бионтек“ (25.000) и Русија (4.200).
Европската комисија неодамна договори пакет од 70 милиони евра за да му помогне на Балканот во вакцинирањето, а Ковакс ќе придонесе со 500 милиони евра.
„Низ пандемијата, ЕУ покажа дека го третира Западен Балкан како привилегиран партнер“, изјави еврокомесарот за проширување Оливер Вархеjи.
Сепак, општ впечаток на Балканот е дека блокот уште еднаш го изневерил.
„Или покажете дека се грижите за нас или не глумете изненаденост кога некои од нас ја прифаќаат раката на Русија и Кина, кои го примамуваат светот со џебови полни со нивни вакцини“, вели албанскиот аналитичар Скендер Минџози.