Најголемата спортско-концертна сала во Србија, „Штарк арена“ во Белград, од понеделник ќе биде претворена во привремена болница за пациентите со ковид-19 по последното зголемување на бројот на заразени во земјата.
Таа ќе биде опремена со 500 болнички кревети и со сите услови за прием на заболени од ковид-19. Планирано е во салата да се примаат пациенти со полесна клиничка слика. Ова уследи откако изминатата ноќ повеќе од 130 пациенти биле задржани на болничко лекување во Србија.
„Секој ден се примаат повеќе од 100 пациенти на болничко лекување и треба да се обезбедат капацитети за тоа“, кажа министерот за здравство Златибор Лончар.
Во изминатите 24 часа во Србија се потврдени 325 нови случаи на коронавирус, а осум лица починале, вкупно 306 досега. Вонредна состојба поради ситуацијата со коронавирусот е прогласена во Белград, Краљево, Чачак и Шабац.