БИВШАТА ЛИДЕРКА НА МЈАНМАР, НОБЕЛОВКАТА СУ КЈИ, ОСУДЕНА НА ЧЕТИРИ ГОДИНИ ЗАТВОР, МОЖЕ ДА ДОБИЕ УШТЕ 100

    БИВШАТА ЛИДЕРКА НА МЈАНМАР, НОБЕЛОВКАТА СУ КЈИ, ОСУДЕНА НА ЧЕТИРИ ГОДИНИ ЗАТВОР, МОЖЕ ДА ДОБИЕ УШТЕ 100Аунг Сун Су Кји е во домашен притвор од февруари, кога војската изведе пуч (Фото: АФП)

    Соборената лидерка на Мјанмар, Аунг Сун Су Кји, е осудена на четири години затвор во првата од серија пресуди со кои би можела да остане зад решетки до крајот на животот. Таа е прогласена за виновна за поттикнување немири и за прекршување на правилата за заштита од ковид-19 според законот за природни катастрофи.

    Добитничката на Нобелова награда за мир се соочува со вкупно 11 обвиненија, што таа ги негира. Су Кји се наоѓа во домашен притвор од февруари, кога војската изведе пуч, ја собори владата и ги притвори државните лидери. Бившиот претседател на Мјанмар, Вин Мјинт, исто така доби четири години затвор.

    Седумдесет и шестгодишната Су Кји се товари и за повеќе случаи на корупција и нарушување на државни тајни. Меѓународната јавност го осуди целиот процес како неправеден.

    „Су Кји не е добро. Воените генерали се подготвуваат да ја осудат на 104 години затвор. Тие сакаат таа да умре во затвор“, соопшти портпаролот на новоформираната Влада на национално единство, зад која стојат продемократски личности и противници на пучот.

    Војската ја презеде власта откако ги прогласи минатогодишните парламентарни избори за измама. Партијата на Су Кји оствари убедлива победа на овие избори, за кои меѓународната заедница кажа дека биле слободни и праведни.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира