Мајкл Коен, бившиот адвокат на Доналд Трамп за кого своевремено кажа дека е подготвен да прими куршум, е осуден на три години затвор, откако се изјасни виновен за финансиски прекршоци, затајување данок и за лажење на Конгресот.
Тој е првиот од потесниот круг луѓе на Доналд Трамп кој оди во затвор во врска со специјалната истрага за наводното мешање на Русија во изборите во САД во 2016 година.
При изрекувањето на пресудата во Њујорк, Коен жестоко го нападна својот поранешен газда.
„Трамп ме принуди да го следам патот на темнината. Мојата слабост беше лојалноста кон Трамп и мислев дека е моја должност да ги прикривам неговите валкани работи“, кажа Коен.
Тој призна дека ги прекршил федералните закони, откако за време на кампања исплатил пари за да замолчи жена која тврдеше дека имала афера со Трамп. Покрај затворската казна, Коен ќе мора да плати и судски трошоци во висина од два милиони долари.