Украинските антикорупциски власти официјално го обвинија бившиот шеф на кабинетот на Володимир Зеленски, Андриј Јермак, за корупција и перење пари.
„Националната канцеларија против корупција и Специјалното обвинителство против корупција покренаа обвиненија против бившиот шеф на кабинетот на претседателот на Украина, член на организирана криминална група, за вмешаност во перење пари од 8,9 милиони долари преку елитни градби близу Киев“, објавија двете агенции.
Тие не го именуваа Јермак, туку кажаа дека последните обвиненија се однесуваат на таканаречената операција „Мида“, корупциски скандал од 85 милиони долари во државната енергетска компанија „Енергоатом“. Истрагата вклучи и други бивши соработници на Зеленски, бизнисменот Тимур Миндич и поранешниот вицепремиер Олексиј Ченишов.
Зеленски го смени Јермак во ноември, истиот ден кога истражителите извршија претрес во неговата канцеларија. Јермак во тоа време беше главниот украински преговарач и еден од најмоќните луѓе во земјата.
Според Националната канцеларија против корупција, членовите на наводната криминална група проневериле државни средства преку инвестиции во луксузни недвижности.
„Ќе коментирам кога ќе заврши истрагата. Немам вили, имам само стан и автомобил што ги гледате“, рече Јермак вчера.



