Додека нејзините соседи од Западен Балкан се мачат да обезбедат вакцини против ковид-19, Србија спроведува една од најбрзите имунизации во Европа.
Србија досега се согласила да купи шест и пол милиони дози од вакцините против ковид-19, кажа претседателот Александар Вучиќ на 28 јануари. До 27 јануари, земјата имала просек од 5,3 вакцинирани луѓе на 100 жители, што е на ниво на Малта, а послабо само од Велика Британија. Просекот во Европа засега изнесува 2,68 вакцинирани.
Вучиќ ја спореди дистрибуцијата на вакцини во Европа со тонењето на „Титаник“, велејќи дека богатите се спасуваат себеси, додека малите и сиромашни на Балканот се оставени да се удават.
„Богатите земји купуваат повеќе вакцини одошто им требаат, како да мислат да вакцинираат и кучиња и мачки“, изјави Вучиќ.
Србија одговори на ова така што побара вакцини од повеќе извори: првите неколку илјади дози ги доби од „Фајзер/Бионтек“, а потоа се сврте кон Русија и Кина. Благодарение на еден милион дози добиени од кинеската компанија „Синофарм“, Србија во континуитет го вакцинира своето население, а, како што објави агенцијата „Танјуг“, има најави и дека ќе почне да ја произведува руската вакцина „спутник“.