Кина повика на справување со студена глава со спорот околу џиновскиот кинески балон кој се движи кон источниот дел на САД. Американскиот државен секретар Антони Блинкен вчера ја откажа посетата на Пекинг, велејќи дека присуството на балонот за „надзор“ е „неодговорен чин“. Подоцна вчера, САД пријавија втор кинески балон кој лебди над Латинска Америка.
Кина изрази жалење за балонот над САД, велејќи дека се работи за метеоролошки балон што залутал. Последен пат беше забележан над Мисури. Се очекува овој викенд да стигне до источниот брег на Америка во близина на Каролина. САД одлучија да не го соборат балонот поради опасност од паѓање остатоци. Инцидентот се случува во време на засилени тензии меѓу САД и Кина.
Кинеското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека Пекинг „никогаш не ја нарушил територијата и воздушниот простор на која било суверена земја“. Се наведува дека кинексиот висок претставник за надворешна политика Ванг Ји разговарал за инцидентот со Блинкен по телефон, нагласувајќи дека е важно одржувањето на каналите за комуникација на сите нивоа, „особено во справувањето со некои неочекувани ситуации на мирен и сигурен начин“. Се додава дека Пекинг „нема да прифати никаква неоснована претпоставка“ и обвини „некои политичари и медиуми во САД“ дека го користат инцидентот „како изговор за напад и оцрнување на Кина“.
Според американски официјални лица, балонот летал над Алјаска и Канада пред да се појави над американската сојузна држава Монтана, која е дом на голем број локации за нуклеарни ракети.
Инцидентот ги налути највисоките американски функционери, при што Блинкен рече дека му кажал на Пекинг оти присуството на балонот е „јасно кршење на суверенитетот на САД и меѓународното право“ и „неодговорен чин“. Тој го нарече „неприфатливо“ и „уште понеодговорно доаѓање во пресрет на долго планираната посета“. Блинкен требаше да го посети Пекинг од 5 до 6 февруари за да разговара за широк спектар прашања, вклучително и безбедноста, Тајван и ковид-19. Тоа ќе беше првата средба на високо ниво на САД и Кина по неколку години. Но, во четвртокот, американсКата одбрана објави дека следи џиновски балон за надзор над САД.