Полска вчера регистрираше речиси 30.000 нови случаи на коронавирус, најмногу од почетокот на епидемијата, Унгарија има најголема стапка на смртност по глава на жител на светот, а романските лекари се принудени да одлучуваат кој ќе добие, а кој нема да добие кревет на интензивна нега.
Коронавирусот донесе незамисливи страдања во централна Европа како што се зголемува бројот на ковид позитивни, иако ситуацијата почна да се подобрува во Чешка и Словачка, кои до неодамна беа меѓу најтешко погодените области во светот.
Во Полска, властите кажаа дека третиот бран на пандемијата е воден од високо преносливата британска варијанта, на која сега отпаѓаат најмногу нови случаи. Имунизацијата се одвива премногу бавно за да го задржи бранот. Само вчера, ковид-19 однесе 575 животи.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки предупредува дека најлошото допрва доаѓа, па ќе мора да се воведат уште построги рестрикции во периодот од две недели пред и по Велигден. Во земјата веќе се затворени сите несуштински продавници и училишта. Полскиот здравствен систем се соочува со најголемиот притисок од почетокот на пандемијата и болниците веќе се преполни, па кревети се поставуваат и во ходници.
Во Унгарија, новото ширење на коронавирусот доведе до најголем број починати на милион жители на светот, а моментално во болниците има речиси 12.000 пациенти со ковид-19.
„Најголем дел од болничките оддели станаа ковид оддели, одделенијата за интензивна нега експоненцијално се преполнуваат, операционите сали се затворени зашто респираторите се окупирани од ковид пациенти кои се борат за живот. Ни недостига медицински кадар и болниците бараат волонтери на помош“, соопшти Унгарската лекарска комора.
И болниците во Романија оваа недела регистрираа рекорден број пациенти со ковид-19.
„Ова е најголемиот притисок што сме го почувствувале. И покрај вакцинирањето, сега има повеќе пациенти отколку во вториот бран и веќе нема слободни кревети на интензивна нега. Тажно е, зашто мора да избираме кого ќе примиме“, изјави Роксана Пацулеа, лекарка во Универзитетската клиника во Букурешт, додавајќи дека нејзините колеги работат 24-часовни смени.
Во исто време, и балканските земји бележат пораст на бројот на нови случаи на зараза.
„Притисокот врз болниците е огромен. Не се опишува со зборови, вложуваме натчовечки напори“, вели Татјана Аџиќ-Вукичевиќ, лекарка од Белград.