БОЛСОНАРО ДОБИ ОСУМГОДИШНА СУДСКА ЗАБРАНА ДА СЕ КАНДИДИРА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА БРАЗИЛ

    БОЛСОНАРО ДОБИ ОСУМГОДИШНА СУДСКА ЗАБРАНА ДА СЕ КАНДИДИРА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА БРАЗИЛОдлуката ја нарушува политичката иднина на 68-годишниот Болсонаро и веројатно ја брише секоја шанса тој да ја врати власта. (Фото: ЕПА)

    Судска комисија му забрани на екстремно десничарскиот поранешен бразилски претседател Жаир Болсонаро повторно да се кандидира за функцијата до 2030 година. Комисијата заклучи дека тој ја злоупотребил својата моќ и фрлил неосновани сомнежи за електронскиот систем за гласање во земјата.

    Одлуката ја нарушува политичката иднина на 68-годишниот Болсонаро и веројатно ја брише секоја шанса тој да ја врати власта.

    Петмина судии во највисокиот суд во земјата се согласија дека Болсонаро ги користел владините комуникациски канали за да ја промовира својата кампања и да сее недоверба за гласањето. Двајца судии гласаа против.

    „Оваа одлука ќе стави крај на шансите на Болсонаро повторно да биде претседател, и тој тоа го знае“, вели Карлос Мело, професор по политички науки на Универзитетот Инспер во Сао Паоло. „По ова, тој ќе се обиде да остане надвор од затвор, да избере некои од своите сојузници за да го задржи неговиот политички капитал, но многу е малку веројатно дека некогаш ќе се врати на претседателската функција“, додава тој.

    Одлуката е донесена поради состанокот на 18 јули 2022 , на кој Болсонаро ги искористи владините службеници, државниот телевизиски канал и претседателската палата во Бразилија за да им каже на странските амбасадори дека електронскиот систем за гласање во земјата е наместен.

    Болсонаро во март се врати во својата земја, откако на 30 декември 2023 избега во САД. На 8 јануари неговите приврзаници, кои не ја признаваат победата на Лула да Силва на ланските избори, упаднаа во парламентот, Врховниот суд и во претседателската палата.

    Болсонаро се пожали дека судењето е нефер и политички мотивирано.

    „Ќе разговараме со адвокатите. Животот продолжува“, рече тој на прашањето кој ќе биде неговиот следен чекор. Тој ја нарече пресудата „Напад на бразилската демократија“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира