Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро објави дека веќе нема коронавирус откако неговиот последен тест бил негативен.
Тој кажа дека во лекувањето му помогнал хидроксихлорокин, лек против маларија чија ефективност не е научно докажана кога е во прашање ковид-19.
Болсонаро на 7 јули објави дека е заразен со коронавирус, а потоа уште трипати имаше позитивен тест. Изминатиот период тој го поминал во делумна изолација во претседателската резиденција, а своите обврски ги извршуваше преку видеоконференции, но во неколку наврати бил виден и надвор.
По САД, Бразил е најтешко погодената држава на светот, со 2,3 милиони заразени, а 85.000 луѓе починале од ковид-19.