Претседателот Доналд Трамп и министерот за одбрана Пит Хегсет во своите обраќања по повод 25-годишнината од нападите на 11 септември повлекоа паралела помеѓу терористичките напади во кои загинаа речиси 3.000 Американци и тековната војна на САД со Иран.
Говорејќи во Пентагон, каде што загинаа 184 лица, Хегсет изјави дека САД сè уште се соочуваат со непријатели кои сакаат да им нанесат штета на Американците и ја претстави војната со Иран како дел од континуираната борба против тероризмот.
„Борбата против злото продолжува и сега. Сè уште постојат непријатели кои нè мразат. Непријателите секојдневно кројат планови да ја ограничат нашата моќ и да ги убијат нашите граѓани, вклучително и исламските терористи во странство и во земјата“, кажа Хегсет.
За време на комеморацијата, Хегсет ја истакна штетата нанесена врз Иран во последните шест месеци борби.
„Обезбедуваме Иран никогаш да не поседува нуклеарно оружје. Економскиот притисок се засилува секој ден. Ние го контролираме Ормускиот Теснец. Ќе ја завршиме оваа борба“, рече тој.
Трамп, исто така, ја искористи церемонијата за да им оддаде признание на американските војници кои моментално се наоѓаат во странство.
„Им оддаваме почит на припадниците на вооружените сили кои во овој момент работат на тоа да се осигури дека најголемиот светски спонзор на тероризмот, Исламската Република Иран, никогаш, ама баш никогаш, нема да поседува нуклеарно оружје“, рече Трамп.



