БРАШНОТО ОД МАНИОКА И ОВОШЈЕТО ГИ ОДРЖА ЖИВИ 40 ДЕНА ЧЕТИРИТЕ ДЕЦА КОИ ЈА ПРЕЖИВЕАЈА АВИОНСКАТА НЕСРЕЌА ВО АМАЗОНСКАТА ЏУНГЛА

    БРАШНОТО ОД МАНИОКА И ОВОШЈЕТО ГИ ОДРЖА ЖИВИ 40 ДЕНА ЧЕТИРИТЕ ДЕЦА КОИ ЈА ПРЕЖИВЕАЈА АВИОНСКАТА НЕСРЕЌА ВО АМАЗОНСКАТА ЏУНГЛАДецата од народот Хуито, на возраст од 13, 9 и 4 години и 11 месеци, се очекува да останат минимум две недели во болница на лекување по нивното спасување во петокот. (Фото: АП)

    Четири домородни деца преживеаја авионска несреќа на Амазон во која загинаа три возрасни лица, а потоа опстојаа во џунглата 40 дена пред да бидат пронајдени живи од колумбиските војници, што донесе среќен крај на сагата за пребарување и спасување што ја плени нацијата и ја принуди обично спротивставената војска и домородните луѓе да работат заедно. Брашното од тропскиот корен маниока (позната и како касава) и одредено познавање на плодовите од дождовните шуми беа клучни за извонредниот опстанок на децата во област што изобилува со змии, комарци и други животни.

    Децата од народот Хуито, на возраст од 13, 9 и 4 години и 11 месеци, се очекува да останат минимум две недели во болница на лекување по нивното спасување во петокот.

    Членовите на семејството, претседателот Густаво Петро, како и владини и воени претставници вчера се сретнаа со децата во болницата во главниот град Богота. Министерот за одбрана Иван Веласкез изјави дека децата се рехидрирани и дека сè уште не можат да јадат храна. „Но, генерално, состојбата на децата е прифатлива“, рече Веласкез.

    Тие патувале со мајка им од амазонското село Арарачура до Сан Хозе дел Гуавиаре кога авионот се урнал рано изутрината на 1 мај. Едномоторниот авион со пропелери „цесна“ превезувал тројца возрасни и четири деца кога пилотот прогласил вонредна состојба поради дефект на моторот. Малиот авион по кратко време паднал од радарот и започнала потрагата по преживеани.

    „Кога авионот се урнал, тие извадиле од урнатините брашно од маниока и со тоа преживеаја“, изјави чичкото на децата, Фиденсио Валенсија. Брашното од маниока е храна во регионот на Амазон. „Откако се потрошило брашното, почнале да јадат семки“, рече Валенсија.

    Тајмингот беше во корист на децата. Астрид Касерес, раководител на Колумбискиот институт за семејна благосостојба, рече дека децата можеле да јадат овошје бидејќи „џунглата е во сезона на жетва“.

    Видеото на воздухопловните сили објавено во петокот покажа дека хеликоптерот користел јажиња за да ги извлече децата, бидејќи не можел да слета во густата прашума каде што беа пронајдени. Војската во петокот твитна слики на кои се гледа група војници и доброволци како позираат со децата, кои беа завиткани во термални ќебиња. Еден од војниците држеше шише до усните на најмалото дете.

    Генералот Педро Санчез, кој беше задолжен за спасувачката акција, рече дека децата биле пронајдени на 5 километри од местото на несреќата на мала шумска чистинка. Тој рече дека спасувачките тимови во неколку наврати поминале на 20 до 50 метри од местото каде што биле пронајдени децата, но не ги виделе.

    „Децата веќе беа многу слаби“, рече Санчез. „И сигурно нивната сила беше доволна само да дишат или да стигнат до малку овошје за да се хранат или да пијат капка вода во џунглата“.

    Претседателот Петро ги нарече децата „пример за преживување“ и предвиде дека нивната сага „ќе остане во историјата“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира