Евроамбасадорите го поддржаа планот да се дозволат несуштински патувања од земјите надвор од Европска Унија кои имаат ниска стапка на зараза со коронавирус. Целосната листа на „безбедни“ држави ќе биде објавена до петок. Моментално, на оваа листа се наоѓаат само осум земји, како Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја и Израел.
Брисел појасни дека ќе се дозволи влез на граѓани од земјите кои имаат двонеделна стапка од помалку од 75 новозаразени на 100.000 жители. Сегашниот критериум е да нема повеќе од 25 нови случаи на коронавирус на 100.000 жители во изминатите 14 дена.
Оттаму исто така препорачаа да се дозволат несуштински патувања на оние кои се целосно вакцинирани против ковид-19. Сепак, секоја членка на Унијата ќе може да воведе свои мерки за овие граѓани, како негативен ПЦР тест или карантин.