Петмина мажи се уапсени под сомнение за кривични дела поврзани со експлозиви и тероризам, откако било пријавено дека се упатиле кон база на Кралските воздухопловни сили (РАФ) во руралниот дел на Англија. Полицијата била известена за три „сомнителни возила“ кои се движеле кон базата РАФ Ферфор“ во Глостершир, ноќеска околу 00:45 часот. Петмина мажи биле уапсени од вооружени полицајци во областа Велфорд, под сомнение за прекршување на Законот за експлозиви. Потоа, тие биле дополнително уапсени под сомнение за подготовка на терористички чин.
Околу 85 домаќинства се евакуирани од своите домови во близина на базата што долго време се користи како истурена оперативна локација од американската војска. По почетокот на американско-израелската војна против Иран на 28 февруари, владата на Обединетото Кралство ѝ дозволи на американската војска да ја користи базата Ферфорд за напади врз иранските ракетни локации. Иран соопшти дека бомбардерите што полетувале од таа база биле користени за напади надвор од првично утврдениот опсег на дејствување. Военото воздухопловство на САД соопшти дека „останува на штрек“ по инцидентот.
Полицијата не соопшти детали за националноста на уапсените.
Британската полиција соопшти дека антитерористичките единици ги предводат напорите за утврдување на тоа што се случило ноќеска во воздухопловна база. На прес-конференција, помошникот-началник на полицијата Ричард Оконе изјави дека „во тек се активности за утврдување на целосната природа на инцидентот“.
Снимки од хеликоптер прикажуваат роботи како се приближуваат до комбиња на местото на настанот, додека тимот за деактивирање бомби на Британската армија спроведува операции.



