Тереза Меј доживеа нов пораз откако британскиот парламент го одби планот за излегување на Велика Британија од Европската Унија без договор, што може да доведе до одложување на процесот. Противниците на планот го добија гласањето со разлика од само четири гласа, 312 наспроти 308.
Ова уследи само 24 часа откако пратениците во британскиот парламент по вторпат со огромна разлика во гласови го одбија предлог договорот на премиерката Меј.
Вечерашното гласање не беше обврзувачко и не значи дека Велика Британија нема да излезе од ЕУ, што треба да се случи на 29 март, но пратениците сега би можеле да гласат за одложување на брегзит. За ова би можело да се гласа утре и ако помине и Европската Унија се согласи, Велика Британија и по 29 март ќе остане членка.
Истовремено беше одбиен и амандманот со кој се предлагаше излегувањето на Велика Британија од ЕУ да се одложи до 22 мај.