Казна од 5.000 фунти ќе добие секој жител на Велика Британија кој ќе патува во странство без добра причина, стои во новиот закон за коронавирус, што пратениците ќе го гласаат в четврток.
Одмори во странство не се дозволени според сегашните коронамерки, што завршуваат в понеделник, а забраната за напуштање на Британија од следната недела ќе стане закон, што ќе биде проследено и со казни.
Според планот за олеснување на рестрикциите, Британците ќе можат да одат на одмор во странство најрано од 17 мај. Сепак, последното големо ширење на коронавирусот во Европа би можело да доведе до продолжување на забраната за патувања во странство.
„Овие рестрикции се неопходни за да се одбраниме од внесувањето на голем број случаи на зараза и од нови варијанти на коронавирус, кои би можеле да го загрозат вакцинирањето“, изјави британскиот министер за здравство Мет Хенкок.
Според новиот закон, во наредниот период ќе може да се патува во странство само заради работа, образование или од медицински причини.