Нов брз израелски тест за коронавирус почна да се применува на европските аеродроми. Овој тест не се базира на земање брис кој потоа мора да се испита лабораториски, туку патниците прават гаргара со десет милилитри од специјална течност, што потоа ја плукаат во епрувета. Патникот кој има позитивен тест потоа се испраќа на стандардно тестирање со брис.
„Луфтханза“ следниот месец планира да почне со брзи тестирања на патниците.
Меѓународното здружение за воздушен превоз (ИАТА) побара да се развие и воведе брзо, едноставно, достапно и систематско тестирање за ковид-19 на сите патници пред полетувањето, како алтернатива за мерките на карантин, со цел да се обнови глобалниот воздушен сообраќај. ИАТА ќе работи со здравствените власти и со Меѓународната организација за цивилна авијација на брзо воведување на ова решение.
Меѓународниот воздушен сообраќај е намален за 92% во споредба со лани и глобалната поврзаност е нарушена веќе половина година, откако државите ги затворија своите граници поради коронавирусот.
„Клучот за обновување на слободата на движењето преку границите е систематско тестирање за ковид-19 на сите патници пред нивното полетување. Тоа ќе им даде поголема сигурност на државите да ги отворат границите. Исто така, тестирањето на сите патници ќе им ја врати слободата на луѓето да патуваат со поголема доверба. Тоа би вратило милиони луѓе на работа“, изјави генералниот директор на ИАТА, Александр де Жинијак.