БУГАРИЈА Е МАФИЈАШКА ДРЖАВА, ПИШУВА „ПОЛИТИКО“ ВО АНАЛИЗА НА СУДИРОТ МЕЃУ БОРИСОВ И ОБВИНИТЕЛОТ ГЕШЕВ

    БУГАРИЈА Е МАФИЈАШКА ДРЖАВА, ПИШУВА „ПОЛИТИКО“ ВО АНАЛИЗА НА СУДИРОТ МЕЃУ БОРИСОВ И ОБВИНИТЕЛОТ ГЕШЕВГешев не помислува на оставка, иако за тоа има притисоци и од партијата на Борисов (Фото: Гети)

    Во Бугарија, мафијата е заштитена од политичарите и е присутна секаде, вклучувајќи ги нејзините интереси поврзани со дрога, оружје, шверц на луѓе и испумпување пари од европски фондови, пишува европското издание на магазинот „Политико“. Сега, актуелен е судирот меѓу државниот обвинител Иван Гешев и Бојко Борисов, лидерот на најпопуларната партија ГЕРБ, за кој судир „Политико“ вели дека е кулминација на мафијашката држава.

    Обвинителот вели дека е одлучен да го одработи својот мандат до крај, и покрај, како што тврди, заканите по неговиот живот и политичките притисоци кои доаѓаат и од неговиот довчерашен сојузник Борисов. Во својата анализа на ситуацијата во Бугарија, „Политико“ пишува дека кризата во владеењето на правото преминала во јавен судир помеѓу Гешев и Борисов, кој ѝ го доведе на функцијата во 2019 година.

    Продемократските активисти долго време го сметаат Гешев за најголемата пречка за придвижувањето на Бугарија кон нормите на Европската Унија и тој беше главната цел на големите антимафијашки протести во 2020, кога неуспешно се бараше неговата смена. Оттогаш, Гешев стана недопирлив, делумно и поради блиските врски со бившиот премиер Борисов, кого лани го спаси од затвор.

    По победата на ГЕРБ на изборите во април, петти за период од две години, мандатарката за формирање влада Марија Габриел кажа дека сака да го тргне Гешев зашто претставува штета за судството. Гешев на ова возврати со обвинувањата дека сакаат да го убијат и се закани дека ќе ја разоткрие корупцијата на највисокото политичко ниво.

    Гешев на 1 мај објави дека преживеал обид за атентат со бомба, при што беше повикан израелски балистички експерт да го потврди нападот, во кој не поверуваа многумина опозициски политичари.

    Гешев приреди нов театар во понеделникот, кога јавно го искина писмото за оставка на која го принудувале, ветувајќи дека ќе го одработи мандатот до 2026. Споредувајќи се со убиениот италијански судија Џовани Фалконе, Гешев кажа дека тој и неговото семејство примиле бројни заплашувања и смртни закани. Исто така откри дека Борисов му го нудел амбасадорското место во Турција или Израел за да се ослободи од него.

    „Најважната работа за мене е да работам за бугарскиот народ. Ќе го довршам мојот мандат без разлика на сè“, порача Гешев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира