БУГАРИЈА СЕ ОТКАЖА ОД ОДМАЗДНИЧКИ МЕРКИ КОН ХОЛАНДИЈА ПО ВЕТОТО ЗА ВЛЕЗ ВО ШЕНГЕН ЗОНАТА

    БУГАРИЈА СЕ ОТКАЖА ОД ОДМАЗДНИЧКИ МЕРКИ КОН ХОЛАНДИЈА ПО ВЕТОТО ЗА ВЛЕЗ ВО ШЕНГЕН ЗОНАТАБугарија не доби поддршка од Холандија и Австрија за пристапување кон Шенген зоната (Фото: Шатерсток)

    Бугарија кажа дека нема да презема одмазднички мерки кон Холандија откако таа денеска се спротивстави на нејзиното влегување во Шенген зоната и стави вето на состанокот на Советот за внатрешни работи и правосудство на ЕУ. Ова пред неколку дена го најави бугарскиот премиер Галаб Донев, но по денешната одлука на Холандија и Австрија, вицепремиерот и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев изјави дека предност ќе дадат на дијалог.

    Во моментов размислуваме за дијалог, а кога дијалогот ќе биде исцрпен, тогаш ќе информираме за следните чекори“, изјави Демерџиев.

    Од трите земји кои аплицираа за влез во Шенген зоната на 1 јануари 2023, само Хрватска доби зелено светло од сите членки на Унијата, додека Австрија ги блокираше Романија и Бугарија, а Холандија ја поддржа Романија, но не и Бугарија.

    Демерџиев вели дека Холандија немала никакви специфични барања и сакала извештај за механизам што не постои во Бугарија од 2019.

    Ова беше политичка одлука. Холандија немаше конкретни аргументи за нашите постапки и недејствувања. Убеден сум дека разговорите со Австрија ќе бидат конструктивни. Таа сигнализираше дека е подготвена за компромис. Од друга страна, очекувам Холандија да остане на истиот став“, рече Демерџиев.

    Тој додаде дека добил уверувања од Шведска, која од 1 јануари ќе претседава со ЕУ, дека ќе ѝ помогне на Бугарија да влезе во Шенген зоната.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира