Бугарија тајно ја снабдувала Украина со муниција и гориво од почетокот на војната, објави германскиот весник „Велт“, а пренесе „Дојче веле“. Зад операцијата стоеле тогашниот премиер Кирил Петков и министерот за финансии Асен Василев, а се одвивала преку неофицијални канали, приватни фирми и посредници. Петков притоа го правел тоа без знаењето на своите коалициони партнери.
„Велт“ објави дека Киев уште пролетоска побарал помош од Бугарија зашто на украинската војска ѝ снемувало гориво и муниција од советско производство. Тие биле транспортирани по воздушен и копнен пат преку Романија, Унгарија и Полска. Дизелот што Бугарија тајно го испорачувала бил направен од руската сирова нафта во црноморската рафинерија, која во тоа време била во сопственост на „Лукоил“.
Петков му потврди на „Велт“ дека неговата влада им дала дозвола за извоз на посредниците.
„Нашата приватна воена индустрија произведуваше со полна пареа. Проценуваме дека во раната фаза од војната Бугарија ја снабдуваше украинската војска со една третина од муницијата“, вели Петков.
И украинската влада го потврди тајниот договор, при што министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба откри дека украинската војска речиси останала без муниција минатиот април.
„Знаевме дека Бугарија во своите складишта има големи количества муниција каква што ни беше потребна, па добив задолжение од претседателот Зеленски да ја набавам. Тоа беше прашање на живот и смрт“, изјави Кулеба за „Велт“, според кој вредноста на испорачаната муниција била две милијарди евра.
„Велт“ додава дека Бугарија играла важна улога и во воведувањето на европските санкции за Русија и во намалувањето на зависноста од руските енергенси.
Министерот Василев, пак, го наговорил „Лукоил“ да го извезува вишокот од својата нафта во Украина, односно половина од произведеното гориво.
„Така Бугарија стана еден од најголемите извозници на дизелот во Украина и повремено покриваше 40% од украинските потреби“, кажа Василев.