Илјадници луѓе маршираа вчера низ Софија против „мафијашкиот модел на владеење“, при што и претседателот Румен Радев ги повика владата и јавниот обвинител да поднесат оставка.
Бугарите веќе четири дена одржуваат антивладини протести во Софија и десетина други градови, обвинувајќи ја владата на Бојко Борисов за корупција и за врски со криминални групи. Протестите почнаа откако во вторникот на Христо Иванов од партијата Демократска Бугарија му бил забранет пристап на јавна плажа, кога бил запрен од припадници на Националната безбедносна служба (НСО), кои ја чувале вилата на Ахмед Доган, кој важи за еден од најмоќните луѓе во Бугарија. Иванов потоа ја обвини владата дека му дозволува на Доган да узурпира јавен имот и дека му обезбедува заштита со државни пари. Владата во саботата му го укина обезбедувањето на Доган, но Борисов ги отфрли повиците за оставка.
„Остануваме на власт затоа што опозицијата ќе ја распарчи земјата“, изјави Борисов.
Политичката криза во Бугарија се заостри по серија големи политички скандали во изминатите месеци и незадоволството на јавноста од справувањето со кризата со коронавирусот.
„Бугарите од сите возрасти и политички определувања бараат враќање на владеењето на правото и на основните граѓански слободи, кои методично се прекршувани во изминатите години. Гневот е длабок и се собирал со години“, изјави Радев.
Нов протест е најавен за денеска попладне.