Група нацистички скинхеди се обиде насилно да влезе, а потоа го блокираше влезот во хотел во Софија, во кој беа сместени италијански тинејџери со еврејско потекло. Младите од Милано и Рим беа во хотелот со своите едукатори заради еврејски младински собир.
На снимките објавени од „ЛаПрес“ можат да се видат неколкумина млади луѓе облечени во црно кои се собрани пред влезот на хотелот и извикуваат „Sieg Heil“ и поздравуваат на фашистички начин.
„Пристигна група мажи, беа доста големи и носеа црни маички и почнаа да ни викаат и да го прават фашистичкиот поздрав. Бевме во нашите соби на четвртиот кат од хотелот и бевме исплашени. Нашите придружници ни рекоа да се оддалечиме од прозорците и да не излегуваме“, изјави Габриел, едно од момчињата кои биле блокирани во хотелот.
Еврејската заедница во Рим ги повика бугарските власти да го расветлат овој напад и што поскоро да ги идентификуваат и гонат одговорните.
„Она што се случи во Софија е исклучително сериозно. Цврсто го осудуваме секој облик на насилство од страна на екстремисти, нацисти или комунисти врз еврејските заедници. Секој облик на ‘лов на Евреи‘ е полн со омраза и неприфатлив“, изјави италијанскиот вицепремиер Матео Салвини.



