Доналд Трамп изјави дека кралот Чарлс се согласува со него дека Иран не треба да има нуклеарно оружје, внесувајќи го конфликтот на Блиски Исток како тема на државната вечера во Белата куќа. Таа се одржа на вториот ден од четиридневната посета на кралот Чарлс и кралицата Камила на САД, а коментарите на Трамп следуваат откако тој го критикуваше британскиот премиер Кир Стармер за недоволна поддршка околу војната со Иран.
„Во моментов работиме малку на Блискиот Исток и се справуваме многу добро. Воено го победивме Иран и никогаш нема да му дозволиме на тој противник да има нуклеарно оружје и Чарлс се согласува со мене дури и повеќе отколку јас“, рече Трамп на вечерата.
Чарлс во своето обраќање не збореше за војната во Иран. Како крал, тој не зборува во името на британската влада. Британската амбасада во САД и Бакингамската палата не ја коментираа изјавата на Трамп.
Во говорот во американскиот Конгрес претходно, Чарлс не ја спомна директно војната со Иран, но се осврна на критиките на Трамп кон НАТО и ги истакна важноста на континуираната помош на САД за Украина и опасностите од изолационизмот.
И Велика Британија и САД со години инсистираат дека Иран не треба да развива нуклеарно оружје. Техеран негира дека сака да произведе такво оружје, но вели дека има право да развива нуклеарна технологија за мирни цели, вклучително и збогатување ураниум.



