ЧЕТВОРИЦА ЗАГИНАТИ ВО УПАДОТ НА ПРИВРЗАНИЦИТЕ НА ТРАМП ВО ЗГРАДАТА НА КОНГРЕСОТ ЗА ДА ГО СПРЕЧАТ ФОРМАЛИЗИРАЊЕТО НА ПОБЕДАТА НА БАЈДЕН

    ЧЕТВОРИЦА ЗАГИНАТИ ВО УПАДОТ НА ПРИВРЗАНИЦИТЕ НА ТРАМП ВО ЗГРАДАТА НА КОНГРЕСОТ ЗА ДА ГО СПРЕЧАТ ФОРМАЛИЗИРАЊЕТО НА ПОБЕДАТА НА БАЈДЕНЕдна од жртвите била убиена кога се обидела да упадне во Претставничкиот дом (Фото: АП)

    Полицијата на Вашингтон потврди дека четири лица загинаа при вчерашниот упад на приврзаниците на Доналд Трамп во зградата на американскиот Конгрес, прекинувајќи ја седницата на која требаше да се потврди победата на Џо Бајден на претседателските избори.

    Досега е потврден идентитетот на само една жртва: воената ветеранка Ешли Бабит од Сан Диего била застрелана од полицаец кога со група луѓе се обидела да упадне во Претставничкиот дом. Полицијата кажа дека загинале уште една жена и двајца мажи. Повредени се и неколкумина полицајци, од кои еден бил превезен во болница.

    Полицијата употребила солзавец против толпата во Капитол и зградата била обезбедена непосредно пред во Вашингтон да стапи на сила полициски час, на полноќ по македонско време. Уапсени се 52 лица, а пронајдени се и две импровизирани експлозивни направи, во седиштата на националните комитети на Демократите и Републиканците.

    Членовите на Сенатот и на Претставничкиот дом, кои беа евакуирани откако толпата упадна во Конгресот, ја продолжија заедничката седница неколку часа по расчистувањето на ситуацијата и досега се одбиени сите приговори на изборните резултати поднесени од Републиканците.

    Трамп, на вчерашниот митинг пред Белата куќа, ги повтори неговите тврдења дека му била украдена победата на претседателските избори. За време на упадот во Конгресот, Трамп објави кусо видео на социјалните мрежи во кое им се обрати на демонстрантите, им рече дека ги сака и дека се „многу специјални“, но дека треба да си одат дома.

    Видеото набрзо беше избришано од социјалните мрежи, а Фејсбук, Твитер и Инстаграм ги суспендираа неговите профили, поради, како што кажаа компаниите, поттикнување насилство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира