Шпанската влада ќе испрати конвои со вакцини против ковид-19 и храна во областите отсечени од бурата Филомена, која ги донесе најголемите снежни врнежи во земјата во последните неколку децении, при што починаа четири лица.
Во областа на Мадрид, спасувачките екипи извлекоа 1.500 луѓе заглавени во автомобили, а метеоролозите најавуваат опасни услови во наредните денови, при што се очекува температурите да паднат до -10 Целзиусови степени.
Меѓународниот аеродром во Мадрид ќе остане затворен најмалку до денеска попладне, а летовите постепено ќе се обновуваат.
„Околу 20.000 километри патишта во централна Шпанија се погодени од невремето и владата ќе испрати конвои со вакцини и храна таму каде што се потребни“, изјави министерот за транспорт Хосе Луис Абалос.
Државната метеоролошка агенција објави дека во Мадрид паднале 20-30 сантиметри снег, најмногу од 1971 година.