Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека пристапувањето во Европската Унија повеќе не претставува приоритет за земјата, но додаде дека целосно не ја затвора вратата за евентуално членство во европскиот блок.
Во интервју за телевизијата „Ал Џезира“, Ердоган соопшти дека евроинтеграциите веќе не се на врвот на нивната агенда, додавајќи дека самата Унија ќе биде губитник доколку продолжи да ја одбива Турција.
Турција има статус на кандидат за членство уште од 1999 година. Пристапните преговори започнаа во 2005 година, но процесот е замрзнат поради назадувањето на земјата на полето на демократијата, владеењето на правото и темелните човекови права.
Турското раководство изминатиов период се соочува со силни критики поради односот кон опозицијата, особено по притворањето на поранешниот градоначалник на Истанбул и главен политички ривал на Ердоган, Екрем Имамоглу.
Судењето против Имамоглу продолжува во судот во истанбулската област Силиври. Тој се соочува со обвиненија за корупција, перење пари и формирање криминална организација. Турската опозиција тврди дека судскиот процес е политички мотивиран со цел преку правосудството да се елиминира најсериозниот противкандидат на власта, додека владата негира какво било влијание врз судството.



