На маж му беше трансплантиран генетски модифициран бубрег од свиња, што му овозможи да не оди на дијализа девет месеци, што е прв таков случај во светот. Лекарите изјавија дека животинскиот орган служел како привремен „мост“ додека пациентот чекал трансплантација од човечки дарител.
Тим Ендрјус, кој боледувал од бубрежна болест во терминална фаза, имал 66 години кога го добил бубрегот од свиња во САД, во јануари 2025 година. Тој успешно живеел со генетски модифицираниот орган 271 ден, по што преминал на краткотрајна дијализа и добил бубрег од човечки дарител. Според лекарите, ова е најдолгиот период на преживување без дијализа по трансплантација на бубрег од свиња кај жив човек, како и првиот случај на премин од трансплантација на бубрег од свиња кон трансплантација на човечки бубрег.
Тимот, составен од стручњаци од академските центри и болниците на „Мас џенерал Бригам“ во Бостон, САД, ги објави своите наоди во медицинското списание „Лансет“. Главниот автор, д-р Леонардо Риела од Центарот за науки за трансплантација при „Мас џенерал Бригам“ изјави: „Недостигот на органи е најголемата криза со која се соочуваме во областа на трансплантацијата во моментов. Знаеме дека најдобрата опција за лекување на пациенти со бубрежна болест во терминална фаза, кај кои настапила бубрежна слабост, е трансплантацијата, но едноставно немаме доволно човечки органи за навремено да ја извршиме постапката“.
„Нашата визија е дека ксенотрансплантацијата би можела да помогне во надминувањето на овој јаз – првично како преодно решение за ослободување на пациентите од дијализа додека чекаат бубрег од човечки дарител, а потенцијално, откако ќе се потврди долгорочната безбедност и издржливост, и како самостојна, трајна терапија“, рече тој.
Уште една трансплантација на свински бубрег кај жив човек беше извршена во 2024 година во Општата болница во Масачусетс; пациентот преживеа 52 дена пред да почине од срцеви проблеми кои не беа поврзани со трансплантацијата.
Ендрјус, од американската сојузна држава Њу Хемпшир, имаше откажување на бубрезите предизвикано од дијабетес тип 2. Свинскиот бубрег потекнуваше од минијатурна свиња од расата Јукатан и беше генетски модифициран за да биде компатибилен со човечкиот имунолошки систем. Тој беше трансплантиран во јануари минатата година и веднаш почна да функционира. По околу шест месеци, настана оштетување на крвните садови на бубрегот, што доведе до откажување на органот, по што свинскиот бубрег беше отстранет. Подоцна, Ендрјус доби бубрег од починат човечки дарител.



