Доналд Трамп опцу пред камерите, видно исфрустриран од извештаите дека Иран и Израел го кршат примирјето што тој го договори ноќеска и стапи во сила утрово.
„Израел и Иран се борат толку долго и толку силно што, да ги е..м, веќе не знаат што прават“, кажа Трамп пред заминувањето на самитот на НАТО во Хаг.
Пред да се качи во хеликоптер на тревникот на Белата куќа, Трамп кажа дека не е среќен ни со Израел, ни со Иран зашто го кршат прекинот на огнот. Неколку часа откако почна примирјето, Израел се закани дека жестоко ќе му одговори на Иран, обвинувајќи го дека лансирал проектили, што беше демантирано од шефот на иранската војска.
„Штом го склучивме договорот, Израел фрли толку многу бомби што не сум видел досега. Не сум задоволен од Израел. Не сум задоволен ниту од Иран, иако двете држави еднакво сакаат да запре војната“, рече Трамп.
Повеќе од кој било друг претседател, Трамп е познат по употребата на вулгарен јазик во говорите и другите јавни појавувања. Но, дури и за него, ова изговарање на зборот „е..ам“ пред камера беше ново. Американските претседатели обично се воздржуваа од негово јавно користење, дури и кога беа лути или фрустрирани.
Тој ноќеска објави дека двете страни се согласиле на „целосен и тотален прекин на огнот“, означувајќи крај на 12-дневната војна. Сепак, Израел призна дека потоа погодил радарски систем близу Техеран како одговор на три проектили лансирани од Иран по почнувањето на примирјето. Од кабинетот на Бенјамин Нетанјаху кажаа дека Израел ќе се воздржи од натамошни напади откако тој разговарал со Трамп.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека неговата земја ќе го почитува примирјето, под услов и Израел да се придржува до него.