ДЕБАТАТА ВО ЕУ ЗА РЕФОРМИ ПРЕД ПРОШИРУВАЊЕ Е ЃУБРЕ, СПРЕМНИ СМЕ ЗА ЗАЧЛЕНУВАЊЕ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН, ВЕЛИ АВСТРИСКИОТ МИНИСТЕР ШАЛЕНБЕРГ

    ДЕБАТАТА ВО ЕУ ЗА РЕФОРМИ ПРЕД ПРОШИРУВАЊЕ Е ЃУБРЕ, СПРЕМНИ СМЕ ЗА ЗАЧЛЕНУВАЊЕ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН, ВЕЛИ АВСТРИСКИОТ МИНИСТЕР ШАЛЕНБЕРГ„Во наш интерес е да инвестираме во Западен Балкан, треба да сме луди да им дозволиме на други земји да влезат таму“, кажа австрискиот министер Александер Шаленберг. (Фото: Јутјуб/принтскрин)

    Австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг е разочаран од однесувањето на Европската унија во врска со проширувањето на унијата со земјите од Западен Балкан. Тој вели дека дебата што се води во унијата за реформите пред проширување е ѓубре и дека нема пречки земјите од Западен Балкан да станат членки.

    „Ако чекаме до 2040 година, ќе го загубиме регионот. Тоа е многу јасно. Пак, Солун пред 20 години, мора да бидеме многу побрзи. Почнавме дебата за реформа на Европската унија, треба да се продлабочиме пред да може да се прошириме. Тоа е ѓубре. Го направивме тоа во Лисабон. Имаме сè. Ние сме подготвени точно за сценариото на зачленување на Западниот балкан во ЕУ“, рече Шаленберг на конференцијата „Глобсек“ во Братислава, Словачка.

    Истовремено, тој предупреди дека ЕУ со својата неактивност им дозволува на други земји да влезат во регионот, а резултатите од тоа нема да им се допаднат на земјите членки на ЕУ.

    „Ова не е задниот двор на Европа, тоа е нашиот централен терен. Опкружен е со земји членки, што повеќе ви треба. Затоа и јас почнав да го нарекувам регионот Југоисточна Европа, место Западен Балкан, затоа што има друга конотација. Пред 20 години им ветивме во Солун дека сите земји имаат перспектива да ѝ се придружат на ЕУ и каде сме 20 години подоцна. Равенката е едноставна, или ќе успееме да го извеземе и забетонираме засекогаш нашиот модел на живот или ќе бидеме соочени со други модели на живот, кинески, турски, руски, какви било, но тоа нема да ни се допадне. Можеби е време да ги отвориме учебниците по историјата. Ако немаме долготрајни стабилност и просперитет во Југоисточна Европа, нема да имаме стабилност во Средна Европа. И ние знаеме од историјата од претходните 200 години што се случува кога нема стабилност во Средна Европа. Во наш интерес е да инвестираме таму, треба да сме луди да им дозволиме на други земји да влезат таму“, кажа австрискиот министер.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира