ДЕЛ ОД ДОКТОРИТЕ ВО АМЕРИКА ГИ ИЗБЕГНУВААТ РЕСПИРАТОРИТЕ, СЕ СОМНЕВААТ ДЕКА ПОВЕЌЕ ПРАВАТ ШТЕТА КАЈ ПАЦИЕНТИТЕ СО КОРОНАВИРУС

    ДЕЛ ОД ДОКТОРИТЕ ВО АМЕРИКА ГИ ИЗБЕГНУВААТ РЕСПИРАТОРИТЕ, СЕ СОМНЕВААТ ДЕКА ПОВЕЌЕ ПРАВАТ ШТЕТА КАЈ ПАЦИЕНТИТЕ СО КОРОНАВИРУСГенерално, 40-50% од пациентите со сериозно нарушено дишење умираат на респиратори, но во Њујорк починаа 80% од пациентите со коронавирус, ставени на респиратори, како што соопштија градските власти. (Фото: Ројтерс)

    Додека здравствените власти ширум светот се обидуваат да набават што е можно повеќе респиратори за пациентите со коронавирус, дел од докторите во САД се обидуваат да ги користат машините за дишење што е можно помалку. Причината е што некои болници имаат невообичаено висока смртност на пациенти со коронавирус на респиратори и некои доктори се загрижени дека машините можеби им штетат на одредени пациенти. Респираторите внесуваат кислород во пациентите чии бели дробови откажуваат. При користење на респиратори, смртните случаи се чести, без разлика на причината поради која е потребна помош при дишењето.

    Генерално, 40-50% од пациентите со сериозно нарушено дишење умираат на респиратори, но во Њујорк починаа 80% од пациентите со коронавирус, ставени на респиратори, како што соопштија градските власти.

    Повисоки од вообичаените стапки на смртност има и на други места во САД, вели докторот Алберт Рицо, шеф на Американската асоцијација за бели дробови. Слични бројки доаѓаат и од Велика Британија и Кина. Според една студија од Вухан, каде што изби епидемијата на коронавирус, 86% од тие што биле приклучени на машини за дишење починале.

    Причините сѐ уште се непознати и можеби има врска со тоа во каква состојба биле пациентите пред да се заразат или колку биле болни пред да бидат ставени на респиратор.

    Но, некои здравствените работници се сомневаат дека респираторите можеби ја влошуваат состојбата кај извесни пациенти, веројатно со иницирање или влошување на штетна реакција на имуниот систем. Тоа засега се шпекулации, но експертите се согласни дека респираторите можат да бидат штетни за пациентите на долг рок, бидејќи во белите дробови се внесува кислород под силен притисок.

    „Знаеме дека респираторите не се безопасни. Едно од најважните откритија во последните неколку децении е дека респираторите можат да го влошат оштетувањето на белите дробови, па мораме да бидеме внимателни“, вели докторот Еди Фен, експерт за лекување со респиратори од Општата болница во Торонто.

    Сега, некои доктори велат дека се обидуваат да ги одржуваат пациентите без да ги закачат за респиратори колку што е можно подолго и се вртат кон други техники.

    „До неодамна во Њујорк, пациентите со коронавирус кои имаа тешки симптоми беа рутински ставани на респиратори за да им се помогне со дишењето“, вели докторот Џозеф Хабуш, кој работи во болница во Менхетн.

    Но, како што поминуваше времето, докторите се обидуваат со други мерки. Една од нив е пациентот да лежи во различни положби, вклучувајќи и на стомакот, за да можат различни делови од белите дробови да добиваат повеќе кислород. Друга мерка е да им се дава кислород на пациентите преку носот.

    „Ако можеме да им ја подобриме состојбата без да ги интубираме, поверојатно е дека е ќе има подобар исход“, вели Хабуш.

    Околу 20% од заболените од коронавирус, најчесто повозрасните и луѓе со хронични болести, имаат потешка форма на болеста. На околу 4% им се потребни респиратори.

    „Респираторот не е терапија. Тоа е мерка за поддршка додека чекаме телото на пациентот да закрепне“, вели докторот Роџер Алварес, специјалист за белодробни заболувања од Универзитетот на Мајами, кој е лидер во напорите да се користи азотен моноксид за да се држат пациентите што е можно подолго без респиратор.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира