Дел од компаниите во Шпанија од денеска продолжуваат со работа, додека земјата почнува да ги олеснува рестрикциите по двонеделно целосно затворање на сите несуштински активности.
Во Шпанија имаше значителен пад на бројот на новозаразени и починати од КОВИД-19 во изминатите денови, но премиерот Педро Санчес предупреди дека земјата е далеку од победа.
„Знам дека сите едвај чекаме да се вратиме на улиците, но имаме уште поголема желба да ја добиеме оваа војна и да го спречиме враќањето на заразата. Генералните ограничувања ќе останат на сила и во наредните две недели и надвор ќе можат да излегуваат само оние кои имаат дозвола да одат на работа“, кажа Санчес.
Тие што се враќаат на работа ќе мора да се придржуваат до социјално дистанцирање и да носат маска во јавен превоз.
„Вонредната состојба и карантинот и натаму се на сила, завршува само двонеделниот екстремен период на економска хибернација“, кажа Санчес.
Од утре, повторно ќе почнат со работа и некои бизниси во Италија, а олеснувања на рестрикциите најавија и Австрија, Чешка, Данска и Норвешка.