ДЕМОКРАТИТЕ ПЛАНИРААТ НОВО ОТПОВИКУВАЊЕ НА ТРАМП АКО ВЕДНАШ НЕ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА

    ДЕМОКРАТИТЕ ПЛАНИРААТ НОВО ОТПОВИКУВАЊЕ НА ТРАМП АКО ВЕДНАШ НЕ ПОДНЕСЕ ОСТАВКАСпикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси изјави дека Трамп в понеделник ќе биде обвинет за поттикнување на востание (Фото: АП)

    Демократската партија најави дека ќе покрене нова постапка за отповикување на Доналд Трамп доколку тој веднаш не поднесе оставка за неговата улога во упадот во зградата на Конгресот во средата.

    Спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси изјави дека в понеделник ќе биде изнесено обвинение за „поттикнување на востание“. Тие го обвинуваат Трамп дека ги поттикнал своите приврзаници да почнат нереди во Конгресот, при што починаа пет лица, од кои еден полицаец.

    Новоизбраниот претседател Џо Бајден вели дека Конгресот треба да реши за импичментот, но веќе подолго време смета дека Трамп не е способен да ја извршува својата функција. Белата куќа го отфрли импичментот како политички мотивиран, додавајќи дека би можел уште повеќе да ја подели земјата.

    Ако процесот влезе во процедура, тоа би било вторпат против Трамп да се покрене импичмент. Во декември 2019, тој беше отповикан во Претставничкиот дом за злоупотреба на власта и попречување на работата на Конгресот, но Сенатот го ослободи по двете обвиненија.

    Иако најмалку двајца републикански конгресмени најавија дека ќе го поддржат импичментот, се верува дека тој има мали шанси за успех и би бил само симболична акција. Потпретседателот Мајк Пенс претходно ги отфрли повиците за активирање на 25. амандман од уставот за прогласување на Трамп за неспособен.

    Трамп најави мирен и законски трансфер на власта на 20 јануари, но Демократите сметаат дека тој и натаму претставува опасност по национална безбедност.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира