Киев прогласи ден на жалост откако во денешниот руски напад загинаа најмалку 18 луѓе. Тоа е вториот најсмртоносен напад врз главниот град на Украина оваа година. Околу 90 луѓе се повредени.
Украинските воздухопловни сили објавија дека Русија лансирала 74 проектили и 496 дронови во нападот врз Украина, додавајќи дека 25 проектили ја пробиле противвоздушната одбрана.
„Речиси половина од овие проектили беа балистички. Главниот напад беше насочен кон Киев. Нашите бранители успеаја да соборат значителен број напаѓачки средства“, рече Володимир Зеленски, кој ја прекина посетата на Ирска.
Штетите се регистрирани на 30 локации во градот, најмногу на станбени згради. Зеленски кажа дека се погодени и амбулантна станица, хотел, научен институт и неколку деловни објекти, а напади имало и во регионите Суми, Днипро, Запорожје и Черкаси.
Москва тврди дека цел на нападите биле воени објекти и енергетска инфраструктура и дека биле одговор на последните украински напади.
„Неморално е да се каже дека нападите се одмазда за нападите на Украина врз Русија. Во оваа војна има агресор и земја што се брани. Русија нема право да извршува никакви напади врз Украина, додека Украина има целосно право да се брани од агресор и да напаѓа какви било легитимни воени цели во Русија“, изјави украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.



