Бројот на загинати во вчерашниот катастрофален пожар во Валенсија порасна на десетмина, при што полицијата кажа дека веќе нема исчезнати лица. Шпанските медиуми претходно објавија дека со најмногу 15 луѓе не може да се воспостави контакт.
„Тие или се лоцирани живи или се меѓу пронајдените тела во изгорените станови“, соопшти полицијата.
Меѓу жртвите на пожарот е четиричлено семејство, вклучувајќи тригодишно дете и новородено бебе.
Во пожарот целосно изгоре 14-катна станбена зграда во населбата Кампанар во западниот дел на градот. Станарите и очевидците зборуваат за брзо ширење на пожарот, кој избувнал на четвртиот кат во 17:30 часот. Тие велат дека попладнето било ветровито, што се смета дека придонесло за жестоката траекторија на огнот.
Друг фактор што многумина го истакнуваат е запаливиот материјал со кој била обложена фасадата на зградата, иако ова засега не е потврдено. Истрагата е почната, но во зградата и натаму е многу жешко, па пожарникарите успеале да влезат само во подолните катови.