Повеќе авиони низ Европа се погодени од закана со бомба, два дена откако најмалку седум летови примија слични закани. Меѓу нив се три лета за Софија и четири за Прага.
Авион на „Ер Лингус“, кој летал од Даблин за Рим, принудно слетал во воздухопловната база во Евро во јужна Франција, а авион на „Визер“ на релацијата Милано-Варшава бил пренасочен кон Виена.
Речиси 200 патници беа евакуирани од друг авион на „Визер“, што патуваше од Милано до Букурешт. Авионот безбедно слета на меѓународниот аеродром „Анри Коанда“ во Букурешт откако добил закана со бомба.
Закани добиле три авиони на „Рајанер“ кои летале кон Софија. Оние од Мадрид и Копенхаген слетале во главниот град на Бугарија, додека авионот од Лондон бил пренасочен кон Пловдив. Бугарските воздухопловни сили соопштија дека успешно извршиле мисија на „воздушна полиција“ по заканите со бомби на три лета.
Закани пријавиле и еден авион на полската авиокомпанија „ЛОТ“ и два на финската „Финер“. Авионот што летал од Хелсинки до Рим слетал според предвиденото во придружба на борбени авиони.
Полицијата во Чешка кажа дека извршила инспекција на четири авиони кои слетале во Прага, откако „добиле закана со подметната импровизирана експлозивна направа“.
„Безбедносните мерки на аеродромот во Прага завршија, а пиротехничките инспекции дадоа негативни резултати“, соопшти полицијата.



