Десетина луѓе се водат како исчезнати откако биле погодени од лавина во швајцарските Алпи. Несреќата се случила во популарниот скијачки центар Кран-Монтана и фотографиите на социјалните мрежи покажуваат дека скијачите настрадале на обележана патека.
Локалните медиуми објавија дека трае голема потрага по најмногу 12 луѓе, во што се вклучени кучиња и два хеликоптери.
Времето значително се стопли во оваа областа изминативе денови, предизвикувајќи топење на снегот. И покрај тоа, ризикот од лавини беше поставен на втор степен од можни пет.
„Околу 100 луѓе учествуваат во спасувањето“, изјави претседателот на зимскиот центар Филип Мажистрети.
Претстојниот викенд, Кран-Монтана ќе биде домаќин и на трки од Светскиот куп во алпско скијање.